Добредојдовте во светот на
винската магија!

На само 80 километри од Скопје, сместена помеѓу вечното сонце и непрегледните насади со винова лоза, се крие најдобро чуваната тајна на винскиот занает во Тиквешијата – Винарија Стоби. Местото коешто го поврзува Медитеранот со континенталните предели на Балканот, укотвено крај митските реки Аксиос и Еригон, покрај кое некогаш чекореле римски легии, рицари крстоносци, отомански освојувачи и армии од светските војни, денеска е центар во кој се среќаваат Стариот и Новиот свет на виното.

Винарија Стоби е горд сведок на еволуцијата на винската традиција на овие простори – од кантароси за вино во кое уживале жителите на Стоби, преку мешините во кои истото се пренесувало до големите антички метрополи, се до модерните инокс садови и софистицираните дабови буриња во кои денес виното се произведува и зрее. Сместена во ултрамодерно здание, урбано и реминисцентно на архитектонските чуда на Le Corbusier, Винарија Стоби ширум ги отвора вратите за сите посетители кои сакаат да научат нешто повеќе за историјата на овој вински регион, процесот на производство на вино, начинот на негово конзумирање и комбинирање со различни видови на храна.

Новата винска приказна на Македонија започнува токму тука, пред портите на Винарија Стоби. Зачекорете во светот на мајсторот над мајсторите на виното, Хермес, вдишете го длабоко мирисот на вино што зрее и начујте ги тајните на паунот од Стоби, сокриени во лавиринтските ходници со дабови буриња.

Станете дел од светот на модерниот вински туризам! Не прифаќајте ништо помалку од совршенство!